2 Chronicles 17
1 На негово место се зацари синот негов Јосафат, кој покажа сила против Израелците.
2 Тој распореди војски по сите утврдени градови на Јудеја и постави стражи по земјата јудејска и по градовите Ефремови, што ги беше завладеал татко му Аса.
3 И Господ беше со Јосафат, зашто одеше по правите патишта на таткото свој Давид и не ги бараше Вааловците,
4 туку Го бараше Бога на таткото свој и постапуваше по Неговите заповеди, а не по делата на Израелците.
5 И Господ го зацврсти царството во рацете негови; сите Јудејци му носеа подароци на Јосафат; тој се здоби со големо богатство и слава.
6 Срцето негово се храбреше на Господовите патишта; притоа тој ги отстрани оброчиштата и паганските светилишта во Јудеја.
7 А на третата година од царувањето ги испрати началниците свои Бенхаил, Авдија, Захарија, Натанаил и Михеј да го поучуваат народот по Јудините градови,
8 и со нив левитите: Шемаја, Нетанија, Зевадија, Асаил, Шемирамот, Јонатан, Адонија, Товијаху и Тов-Адонија, а со нив уште и свештениците Елишама и Јорам.
9 Тие ги подучуваа Јудејците, носејќи ја со себе Книгата на Законот Господов; ги обиколуваа сите јудејски градови и го учеа народот.
10 И ги обзеде страв Господов сите земни царства околу Јудеја, и не војуваа со Јосафат.
11 А од Филистејците му носеа на Јосафат дарови и сребро за данок; исто така и Арапите му донесуваа ситен добиток: седум илјади и седумстотини овни и седум илјади и седумстотини јарци.
12 Се издигаше Јосафат сѐ повеќе, и изгради во Јудеја домови, градови и тврдини.
13 Тој имаше големо богатство во јудејските градови, а во Ерусалим — храбри борци.
14 Еве го нивниот список според домовите на нивните предци: од Јуда илјаданачалници: Адна водач, кој имаше триста илјади храбри војници;
15 по него Јоанан началник, кој имаше двесте и осумдесет илјади;
16 по него Амасија, Зихриев син, кој Му се беше посветил на Господ; тој имаше двесте илјади силни војници.
17 Од Венијамин: храбриот војник Елијада, кој имаше двесте илјади вооружени со лак и штит;
18 по него Јозавад, кој имаше сто и осумдесет илјади вооружени војници.
19 Ете, тие му служеа на царот, покрај оние што ги беше распоредил царот во утврдените градови по цела Јудеја.